Интервју со Ана Марија Кузмановска

food bloger | диететичар I нутриционист

Разговаравме со Ана Марија за нејзината љубов спрема готвењето, односот спрема храната и нејзината професија. Во продолжение прочитајте што кажа таа за Tastify:

Здраво Ана Марија, кажи ни три интересни работи/факти за тебе за да те запознаеме подобро.

Три интересни факти за мене:
– Кога имав 14 години штедев цела година за да си купам апарат и уште сите слики на мојот блог се направени со тој апарат.
– Моментално го завршувам мојот мастер по диететика и диетотерапија.
– Возење во град ме прави нервозна, скоро секогаш би избрала да одам пешки или со автобус 😂

Како се роди љубовта кон готвењето?



– Љубовта кон готвењето мислам дека секогаш била присутна, буквално имам детски готвачи што не ни памтам кога сум ги добила. Кога имав околу 13-14 години почнав многу често сама да ги чувам моите браќа (едниот 10 години помал) и морав да смислувам што да јадеме. Па така, верувам креативноста најмногу сум ја користела за готвење и тоа навистина ме исполнувало.

Ако треба да одбереш два омилени рецепти кои најчесто ги правиш, кои би биле тие?


– Хммм, ако би избрала нешто што правиме скоро секоја недела, тоа е некоја поздрава верзија на проја. Второто дефинитивно би биле овесни палачинки, едноставно, но превкусно.

Дали сакаш да експериментираш со рецепти и на кој начин?



– Отсекогаш сум сакала да експериментирам со рецепти, така и произлегуваат толку многу различни рецепти. Пробувам да користам скроз различни состојки за некој традиционален рецепт, да направам поздрава верзија на некои рецепти кои сите ги сакаме и сл. За жал, кога немам премногу време, ова експериментирање мора да биде “помало” зашто не смеам многу да ризикувам некој рецепт да не испадне добро. Среќа, и знаењето за сите намирници и нивниот состав многу помага во ова.

Што мислиш за здравата исхрана, можно ли е да се исхрануваме постојано здраво?



– Јас сум диететичар и нормално мислам дека е сосема возможно постојано да се исхрануваме здраво и балансирано. Но, ова нормално изгледа различно за секого и доколку се храниш балансирано не треба тоа да ти прави стрес или да ти одзема огромен дел од денот. Нормално е “здравата” исхрана на некој кој е по цели денови излезен од дома и “здравата” исхрана на некој кој работи од дома да се сосема различни.

Која кујна ти е омилена и зошто?


– Искрено, не би можела да изберам, навистина сакам да пробувам сѐ. Но, се разбира каде и да сум, секогаш после одредено време ми фали нашата традиционална македонска кујна.

Сподели ни некој совет за готвење кој често го применуваш?



– Сѐ печам на хартија за печење, сите јатки ги мелам во блендер, долгозрнестиот ориз секогаш го варам во многу вода и потоа го истурам вишокот, така не морам постојано да го пазам додека се готви.

Совет за како да ја одржиме кујната чиста ако готвиме секој ден?

– Мислам дека не е многу тешко кујната да се остави чиста, дури и ако се готви 2-3 пати во ден. За мене клучно е да нема многу работи на работната површина, како мали апарати, тегли со намирници итн. 10-15 минути секоја вечер се сосема доволни да се среди. Секако, имањето машина за садови многу помага.

Дали практикуваш oднапред подготвени оброци? Ако да, како најефективно го изведуваш тоа?



– Моментално, единствено пред време приготвуваме ручеци кога знаеме дека следниот ден е напорен или пак имаме некои намирници кои мора да се искористат. За најефективно изведување на meal prep мислам дека многу помага приготвување различни делови од еден оброк како пилешко, ориз, салата и посебно складирање на секоја од овие намирници. Потоа, кога ќе дојде време за оброк, од овие намирници може да се направат различни оброци како тако боул, врап, салата.

За крај, што мислиш за платформата Тastify?




– Tastify мислам дека е одлична платформа и нешто што фалеше кај нас. Најмногу ми се допаѓа тоа што можам да си сочувам рецепти, да си направам план за неделата и таму да ја имам и листата за купување.