Од киселата зелка внимателно извадете ги лисјата.
Потребни ви се само меките делови од лисјата, за да може лесно да ги виткате сармите.
По потреба, поделете ги листовите според големината на сармите што сакате да ги направите.
Штом завршите со припремата на зелката,започнете со припрема на филот.
Кромидот излупете го, измијте го и исечкајте го најситно што можете.
Потоа,во поголем сад, измешајте го со меленото месо.
Додајте го оризот, ситната црвена пипер, црниот пипер, ориганото, мешаниот зачин и маслото за готвење.
Добро измешајте за смесата да се соедини.
Следно припремете го тенџерето.
Од листовите со кои нема да виткате сарми,направете подлога.
Ситно исечкајте ги и убаво покријте го дното на тенџерето.
Во секој лист ставете од филот и завиткајте ги сармите.
Големината на сармите и според тоа, количината на филот, слободно одредете ја по ваша желба.
Препорачливо е, тенџерето во кое ги ставате сармите,да биде наредено со сармите една до една, за да не се растураат.
Најдобро редете ги во еден ред, а можете и во два,доколку сармичките се помали.
Кога сте готови со виткањето на сармите,припремете ја течноста за варење.
Количината на течноста, односно ладната вода во која ќе измешате брашното и црвената пипер, треба да биде доволна за да ја прекрие горната површина на сармите.
Добро измешаната течност, распоредете ја со лажица низ целата површина.
На крај, за да избегнете растурање на сармите, поклопете ги со чинија и затворете ги со капак.
Оставете ја сармата да зоврие на силен оган, а потоа варете ја на тивок оган околу 2,5 - 3 часа.
Ќе биде фантастично вкусна, сочна и мека за јадење.
По желба на крајот може да ја потпечете во рерна малку, колку за изглед.
На здравје!